Образование, млади и инклузивен развој
Околу 21.8% од населението на Република Северна Македонија, односно 452.000 луѓе живееле под прагот на сиромаштија во 2020 година. Ова е скоро двојно споредено со просекот на ЕУ 27. Без социјална помош, бројката на лица што живеат под прагот на сиромаштија би била 42.1%. Џини-коефициентот кој ја мери нееднаквоста во дистрибуцијата на приходите бил 31.4%. Највисока стапка на сиромаштија имаат домаќинства со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца и самохрани родители со издржувани деца. Понатаму, најголемиот дел од сиромашните лица се невработени или се дел од неактивното население на пазарот на трудот (тука спаѓаат и децата). Дури и ако се земе предвид дека сивата економија донекаде ги ублажува податоците, сепак, бројката на граѓани во оваа категорија е многу сериозна.
Најчесто, сиромаштијата е тесно поврзана со социјалната исклученост, имајќи предвид дека материјалните средства се предуслов за обезбедување на подобри услови за живот на граѓаните. Социјалната исклученост има различни форми и тешко е да се обезбеди статистичка илустрација. Како најтешка форма на социјална исклученост се посочува немањето пристап до адекватно домување и пристап до основна инфраструктура (вода, струја, санитарни услови), меѓутоа, ограничениот пристап до културни настани, исто така, претставува форма на социјална исклученост. Карактеристично е што поголемиот дел од сиромашните и социјално исклучените лица се без образование или со основно образование, што упатува на последиците од исклучување (принудно или доброволно) на поединецот од образовниот процес.
Македонското образование во сите фази – претшколско, основно, средно и високо скоро континуирано е предмет на реформи од осамостојувањето на земјата до денес, меѓутоа, издвојувањата за образование и обука од буџетот на Република Северна Македонија се доста ниски (3.3% од БДП во 2020). Покрај тоа, како што е споменато погоре, минимални се издвојувањата за истражување и развој (0.4% од БДП) што се рефлектира во неповолни состојби кај високообразовните институции видливи преку нискиот ранг на македонските универзитети на релевантните меѓународни листи. Имајќи предвид дека од науката значително зависи развојот на секоја земја, потребен е многу посериозен однос кон науката од страна на државата.
Во однос на компонентите на образовниот процес, ниска е стапката на запишување на децата во претшколски установи – само 45% од децата на возраст 3-6 години се запишале во лиценцирани установи во 2020 година. Понатаму, 90.8% од децата на школска возраст се запишале во основно, а 78.9% во средно образование во 2020 година. Иако земјата има закон за задолжително средно образование, неговата примена покажува девијации. Покрај стапките на запишување во училиште, многу загрижувачки се резултатите од меѓународните тестови на учениците. На тестовите за математика и природни науки во 2019 (TIMMS), Република Северна Македонија била рангирана на 45-то место за математика и 51 место за природни науки од вкупно 58 земји. Лоши резултати има и на PISA-тестот и на тестовите за писменост.
Наведените податоци упатуваат на сериозни проблеми кои се видливи кога треба да се случи транзицијата од школо кон работа. Барателите на работа најчесто не се стекнуваат со бараните квалификации на пазарот на трудот во текот на нивното формално образование, така што мора да продолжат со неформално образование и доживотно учење. Врската помеѓу образовните институции и компаниите не е силна, односно училиштата и факултетите не се флексибилни во поглед на прилагодување на наставните програми на потребите на реалниот сектор.
Најголем колатерал од недостатоците во образовниот систем е (по)ниската вработливост на младите лица кои се соочуваат со проблеми при вклучување на пазарот на трудот. Скоро дипломираните студенти од високото образование во Северна Македонија е помалку веројатно да се вработат (55.4%) отколку студентите што завршиле високо образование во земјите на ЕУ (83%). Често, одговорот на младите во поглед на дисфукционалноста на образованието и пазарот на трудот е нивната емиграција од земјата. Имајќи ја предвид огромната важност на младите како витален дел од човечкиот капитал без кој не е можен развој на државата, неопходно е ургентно адресирање на проблемите на младите. Во контекст на обезбедувањето подобри услови за живот на младите важно е да се посвети внимание и на другите аспекти од социјалниот живот – здравство, култура и спорт, како и квалитетот на животната средина. Овие аспекти се важни за сите граѓани, меѓутоа, посебно се истакнуваат кај младите, имајќи предвид дека нефинансиските причини сè почесто преовладуваат при одлуките за нивна емиграција.
Важен фактор кој треба да се земе предвид во однос на инклузивниот развој кој треба да промовира здраво население се незаразните болести (НЗБ). Според податоците од Државниот завод за статистика, НЗБ учествувале со 79.4% во причините за смрт на населението во Република Северна Македонија во 2019 година. Овие болести се често хронични и резултираат во прерана смрт на населението, а воедно негативно влијаат на работната способност на лицата со НЗБ во текот на нивниот работен век. Тоа директно влијае на намалување на продуктивноста. Покрај тоа, големи се штетите врз личните финансии на овие лица, како и издвојувањата од БДП за третман на овие болести. Многу од НЗБ може да се спречат со намалување на факторите на ризик како користењето на тутун, штетната употреба на алкохолот, физичката неактивност и нездравата исхрана. Во тој контекст, потребно е градење на соодветна политика за оваа област фокусирана кон превенција на НЗБ во функција на одржување на повисока вредност на човечкиот капитал во земјата. Важен елемент на таквата политика треба да биде вградувањето на соодветни поттикнувачи, даночни и други, за однесување на граѓаните на начин што ќе го намали штетното влијание и последиците од НЗБ.
Градењето на општество со инклузивен развој е тесно поврзано со почитување на човековите права во најширока смисла и заштита од дискриминација по која било основа. Социјалната кохезија е суштинскиот елемент на успешно општество и често служи како показател дека земјата е добро место за живот и работа. Потребно е вградување на почитувањето на човековите права и заштита од дискриминација во сите секторски политики со цел системски и континуирано да се работи во насока на инклузивност во развојот.
Културните политики пак, треба да одговорат на потребите за зачувување на богатото културно наследство на земјата, да обезбедат промоција нa хетерогени, динамични, социјални и културни идентитети во Република Северна Македонија, а воедно да го поттикнат поширокото културното издигнување на граѓаните.
Во контекст на инклузивниот развој, важен е и квалитетот на медиумско информирање во земјата, односно пристапот на граѓаните до навремени и точни информации. Ова е посебно важно за да може заинтересираните страни да се ангажираат во решавање на вистинските проблеми.
Приоритетот „образование, млади и инклузивен развој“ е тесно поврзан и со целите за одржлив развој: искоренување на сиромаштијата (1); елиминирање на гладот (2), добро здравје и благосостојба (3), квалитетно образование (4) и намалување на нееднаквоста (10) така што напредокот во оваа сфера позитивно ќе се рефлектира и на придонесот на земјата за остварување на глобалната агенда за одржлив развој.
Потребни интервенции. Со цел да се унапредат состојбите во однос на образованието и инклузивниот развој во Република Северна Македонија потребни се интервенции во следните области:
- Современо образование прилагодено на светските трендови и на побарувачката на пазарот на трудот
- Донесување и спроведување на стратегија за образование и наука за сеопфатно и квалитетно образование за сите, насочено кон унапредување на човечкиот капитал согласно динамиката на технолошкиот развој во светот.
- Департизација (деполитизација) во образованието и носење на одлуки за реформи засновани на истражувања и докази;
- Поставување на науката, истражувачката дејност и поддршката на дигиталната трансформација како стратешки приоритети во образованието.
- Зголемување на издвојувањата од Буџетот на Република Северна Македонија за образование и наука.
- Преземање мерки за обезбедување на висок/целосен опфат на децата од претшколска возраст во лиценцирани установи преку проширување на инфраструктурата (детски градинки), подигнување на свеста на родителите/старателите за предностите во развојот што ги нуди претшколското образование и соодветна поддршка за семејства од ранливи категории и деца со попреченост.
- Постигнување на целосен опфат на децата во основно и средно образование преку идентификување на причините за пониските стапки на упис и развивање на соодветни мерки за нивно вклучување.
- Подигнување на нивото на функционална писменост на учениците и студентите преку идентификување на причините за лошите резултати на меѓународните тестирања и целно дизајнирање на мерки.
- Реформирање на образованието во насока на функционално поврзување на сите фази на образованието (претшколски развој – формално образование (основно – средно – високо) во функција на полесна транзиција од школо кон работа и градење на кариера.
- Прилагодување на наставните програми на средните училишта и факултетите на барањата на пазарот на трудот.
- Промовирање на потесна соработка помеѓу образовните институции и компаниите во функција на подигнување на флексибилноста на наставните програми и употребливоста на вештините стекнати при дуалното образование и студирањето на високо-образовните институции.
- Подигнување на капацитетот и волјата за спроведување на реформи во образовните институции преку вложувања во кадарот и валоризирање на резултатите.
- Промоција на доживотното учење и на знаењето како основен двигател на личниот и професионалниот напредок, како и на развојот во општеството.
- Намалување на сиромаштијата
- Донесување и спроведување на стратегија за намалување на сиромаштијата.
- Дизајнирање и реализација на обуки за подигнување на вработливоста на граѓаните кои живеат под прагот на сиромаштија.
- Преземање на мерки за намалување на сивата економија, со фокус на активните мерки на пазарот на труд.
- Подигнување на свеста на граѓаните кои примаат социјална помош за можностите за подобар живот преку вработување.
- Нивелирање на минималната плата според порастот на трошоците на живот.
- Намалување на социјалната исклученост
- Континуирано унапредување на законската регулатива од областа на социјалните политики во консултација со засегнатите страни.
- Донесување и спроведување на стратегија за намалување на социјалната исклученост.
- Следење и оценка на ефективноста на мерките за намалување на социјалната исклученост во функција на нивно ревидирање и постигнување на повисоки резултати.
- Континуиран пораст на пристапот до адекватно домување (вода, електрична енергија, санитарни услови) за социјално загрозените граѓани на Република Северна Македонија.
- Обезбедување на пристап до примарна здравствена заштита за сите граѓани на Република Северна Македонија;
- Намалување на негативното дејство на сите фактори на ризик кои влијаат на високата стапка на незаразни болести преку препознавање на концептот на намалување на штети.
- Целосен опфат на децата во претшколските установи, основните и средните училишта (стапка на запишување =100%).
- Поддршка од страна на државата за енергетска заштита на социјално загрозените и ранливи групи на граѓани.
- Зголемување на учеството на пазарот на трудот на социјално загрозените и другите ранливи групи преку посебно дизајнирани пристапи прилагодени на нивните потреби и карактеристики (на пр. обезбедување на социјално осигурување и за нестандардните форми на вработување; поттикнување на вработувањето на самохрани родители; подигнување на потенцијалот за вработливост на заедницата на Ромите, итн.).
- Промовирање на современи начини на поттикнување на социјалната вклученост преку активности, а не исклучиво преку финансиска социјална помош.
- Континуирано подобрување на инфраструктурата за социјално вклучување и пристап во јавните установи на лицата со попреченост.
- Подобро законско регулирање на услугите од социјалната сфера наменети за лицата со инвалидитет, како домашна нега, лични асистенти и др.
- Унапредување на обемот, спектарот и достапноста на социјалните услуги за лицата со попреченост и ранливите категории на граѓани преку поттикнување на вклучувањето на давателите на јавни услуги кои не се дел од јавниот сектор.
- Инклузивно општество за младите
- Унапредување на правната рамка и стратешките документи во кои се адресираат прашања поврзани со младите.
- Воспоставување на ефективни механизми за учество на младите во процесите на креирање политики и носење одлуки на локално и национално ниво.
- Обезбедување на поддршка од државата за развој на младинските форми на организирање во насока на постигнување повисок степен на свесност и остварување на правата на младите.
- Подигнување на стапката на активност на младите на пазарот на трудот и намалување на стапката на невработеност на младите преку ревидирање на постојните и дизајнирање на нови инструменти на поддршка.
- Промовирање на младинското претприемништво и подигнување на вработливоста на младите и нивните вештини за работа преку активни политики на пазарот на трудот.
- Намалување на емиграцијата на младите од Република Северна Македонија преку креирање на динамично и поволно економско и социјално опкружување, како и здрава животна средина.
- Дигитализација на јавните услуги и прилагодување на нивниот формат на современите барања на младите.
- Почитување на човечките права и заштита од дискриминација
- Системско вградување на меѓународните стандарди и норми за унапредување на фундаменталните права и заштита од дискриминација.
- Зацврстување на социјалната кохезија преку создавање на средина во која ќе се овозможи борба против популизам и радикализам, како и системска борба против говорот на омраза.
- Обезбедување на бесплатна правна помош за ранливите категории на граѓани.
- Обезбедување на функционални механизми за примена на концептот на родова еднаквост во земјата.
- Градење на современи културни политики
- Континуирано унапредување на правната рамка и стратешките документи за култура и заштита на културното наследство во консултација со засегнатите страни.
- Обезбедување на финансиска и друга поддршка од државата за промоција нa хетерогени, динамични, социјални и културни идентитети во Република Северна Македонија.
- Градење силни институции и обезбедување конзистентност на културните политики.
- Доследна примена на препораките од УНЕСКО и од домашните експерти за ревитализација загрозеното културно и природно наследство.
- Мапирање на културното наследство и дефинирање на мерки за негово соодветно економско користење во духот на принципите на одржлив развој.
- Зголемување на достапноста на културни содржини на целата територија на Република Северна Македонија преку подигнување на нивото на соработка помеѓу централната власт и општините.
- Обезбедување поддршка од државата за препознавање и поттикнување на развојот на креативните индустрии во Република Северна Македонија.
- Медиуми и квалитетно информирање
- Унапредување на законската рамка за медиумите во согласност со препораките на Советот на Европа, ОБСЕ, УНЕСКО, како и директивите на Европската комисија, во насока на креирање амбиент за безбедна работа на новинарите, медиумските работници и медиумите, за да бидат ослободени од надворешни притисоци и цензура.
- Поттикнување на медиумската писменост во сите сфери на општеството преку активен ангажман на релевантните институции и граѓански организации.
- Создавање услови за креирање содржини за напредно новинарско известување на теми од јавен интерес, со посебен фокус на прашањата поврзани со корупција и злоупотреба на власта.
- Промовирање на механизми за финансиска одржливост на медиумите со низок ризик за штети врз медиумскиот простор и квалитет на информирање.
- Креирање независен национален фонд за поддршка на новинарски иницијативи за унапредување на квалитетот на медиумските содржини преку инклузија на сите засегнати страни.