Методологија за изработка на рамката за развој МКД 2030

Рамката за развој МКД 2030 е изготвена со примена на консултативниот пристап. Консултиран е широк спектар на засегнати страни – организации и поединци, стопански комори, граѓански здруженија, академската заедница, младински организации, медиумски организации и претставници на ранливите групи на граѓани. На овој начин беа прибрани влезни информации за нивните ставови околу горливите проблеми кои треба приоритетно да се адресираат со цел да се постигне напредок во земјата. Паралелно, процесот на изготвување на рамката за развој МКД 2030 опфати опсежна консултација на постојните национални стратешки документи од различни области, меѓународни извештаи кои содржат преглед на состојбите и оценка за напредокот на земјата, анализи изработени од граѓански организации и други релевантни материјали.

Процесот на консултации на засегнатите страни се одвиваше транспарентно преку состаноци, трибини и други формални и неформални начини чија цел беше да се поттикне нивно активно учество во дебатата за подобра иднина на Република Северна Македонија. Повеќемесечните консултации беа организирани и реализирани од страна на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Како резултат на консултациите, дел од засегнатите страни во писмена форма ги доставија своите гледишта за националните приоритети до 2030 година, што претставува посебно значаен придонес за оформување на МКД 2030. 

Сите прибрани информации во процесот на консултација на засегнатите страни беа внимателно обработени и вкрстени со наодите издвоени при прегледот на националните стратешки документи и други релевантни материјали. Целта беше да се направи приоритизација на областите во кои земјата на среден рок треба да ги насочи своите напори и ресурси. Главни критериуми при определување на приоритетните области беа длабочината на проблемите во соодветната област, степенот на нивното влијание врз општеството и аргументираноста на гледиштата на консултираните страни за дискурсот на развојот (целосно или по области) до 2030 година.

Во рамката за развој МКД 2030 се дадени приоритетите, заедно со препораки за потребните интервенции. Деталното осмислување на мерки и оперативни планови како да се реализираат препораките по области е задача на креаторите на секторските политики. Рамката за развој МКД 2030 е изготвена со цел да придонесе за повисока кохерентност помеѓу стратешкото планирање на национално ниво на сите инстанци и институции, имајќи предвид дека тоа треба да се одликува со континуираност и не смее да биде колатерал на политичкото престројување во земјата. МКД 2030 е дел од поширок процес на стратешко планирање кој ја вклучува и Националната стратегија за развој (НРС) 2022-2042 структурирана како широко опфатен и детален документ  кој треба длабински да ги адресира и приоритетите на рамката МКД 2030.