Забрзан економски раст
Во Глобалниот извештај за конкурентноста 2019, Република Северна Македонија беше рангирана на 82 место од 141 земја. Конкурентноста на економијата е главно детерминирана од структурата на стопанството, иновациите и технолошкиот развој. Во 2019 година, најголем удел во македонскиот БДП имал секторот трговија на големо и мало (20.3%), додека преработувачката индустрија учествувала со 18.1%. Притоа, околу 82% од македонските компании биле мали претпријатија со 1-9 вработени. големувањето на конкурентноста на малите фирми и поттикнувањето на нивниот раст бара посебен стратешки пристап во економското планирање.
Главните македонски индустрии се металната, текстилната и преработката на храна. Последните две се високо трудово-интензивни индустрии и произведуваат (по)ниска додадена вредност. Со приливот на странски инвестиции во индустриската структура се вклучија производи од автомобилската индустрија со повисока додадена вредност. Тие се наменети за извоз, меѓутоа, нето-девизниот ефект е мал зашто поголем дел од влезните инпути за овие производи се увезуваат. Иако СДИ добиваа(т) значителна државна помош, поврзувањето на локалните компании во синџирите на набавки и синџирите на додадена вредност со СДИ не беше посебно поттикнато. Оттаму, потребни се напори за промена на оваа состојба.
Вложувањата на државата во истражување и развој се на многу ниско ниво (0.4% од БДП во 2019), додека учеството на приватниот сектор во вкупните вложувања за истражување и развој било само 0.1% од БДП во 2019. Во декември 2013 година беше основан Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) преку кој заклучно со 2021 година се инвестирани 43 милиони евра во околу 600 компании за да се стимулираат иновациите и усвојувањето на нови технологии. Технолошкиот развој бара време за да даде резултати, но и стратешко насочување на помошта.
Последователно на долгогодишните ниски вложувања во истражување и развој, вкупната факторска продуктивност на стопанството која се темели на технолошка иновативност и напредни вештини на трудот континуирано опаѓала во периодите 1993-2001 и 2009-2017. Дополнително, продуктивноста на трудот мерена според додадената вредност по работник во Република Северна Македонија во 2017 година изнесувала 80% од просекот во Западен Балкан и 40% од просекот на земјите на ЕУ кои се приклучија во Унијата од 2004 година наваму.
Продуктивноста е клучна како за растот на БДП, така и за растот на платите и подобрувањето на стандардот на живот. Поради предизвиците во оваа сфера, Република Северна Македонија се соочува со силна миграција на работоспособно население. Според проекциите од систематската дијагностика на земјата од Светска банка, контингентот на работната сила во Република Северна Македонија се очекува да се намали за 20% проценти до 2050 година (од 1.47 милиони во 2015 на 1.15 милиони во 2050). Пазарот на трудот се карактеризира со опаѓачка стапка на невработеност во последната деценија (15.9% во 2021 година). Намалувањето на бројот на невработените делумно се должи на креирањето на нови работни места, а делумно на природните и миграторните движења на населението. Во однос на младите, стапката на активност на лицата на возраст 15-24 години е 26.9%, а стапката на невработеност на оваа возрасна група на пазарот на трудот е 35.4%. Ова упатува дека младите луѓе се посебно изложени на ризик од невработеност и неактивност и покрај имплементацијата на гарантната шема за млади од страна на државата. Структурата на образование на невработените лица, како и долгорочната невработеност се важни аспекти на прашањето за високата невработеност, како на младите, така и на останатите граѓани на земјата.
Сивата економија претставува сериозен проблем во Република Северна Македонија, не само поради штетата што ја предизвикува за државата во однос на изгубените приходи од даноци и други давачки, туку и поради нелојалната конкуренцијата што ја создава, како и девијациите што ги предизвикува на пазарот на трудот. Според проценките на Меѓународната организација на трудот, засновани на Анкетата на работната сила 2019 од Државниот завод за статистика, неформалната вработеност изнесувала 13.8% од вкупната вработеност во земјата. Нема проценки за големината на сивата економија како процент од БДП, меѓутоа, овој проблем беше повеќекратно потенциран како многу сериозен од страна на бизнис-секторот во текот на процесот на консултации за МКД 2030.
Наведените економски состојби и трендови упатуваат на ургентноста за стратешко (пре)обмислување на пристапот кон економскиот раст и развој во земјата. Приоритетот „забрзан економски раст“ е тесно поврзан и со целите за одржлив развој: родова еднаквост (5), пристојни работни места и економски раст (8); индустрија, иновации и инфраструктура (9) и намалување на нееднаквоста (10), така што напредокот во оваа сфера позитивно ќе се рефлектира и на придонесот на земјата за остварување на глобалната агенда за одржлив развој.
Потребни интервенции. Со цел да се забрза реалниот економски раст во Република Северна Македонија потребни се интервенции во следните области:
- Градење на стратешки пристап за поттикнување на економскиот раст
- Континуирано подобрување на деловната клима во земјата.
- Примена на националното законодавство во областа на економијата врз основа на принципот на неселективност.
- Обезбедување на конзистентност и стабилност на економските политики.
- Моделирање на даночната политика во функција на економскиот раст.
- Развивање и примена на инструменти за поддршка на брзорастечките компании.
- Идентификување на производни сектори со највисок потенцијал за раст и креирање стратешки пристап за негово искористување.
- Градење на долгорочна сигурност во однос на обезбедувањето на храна.
- Градење на долгорочна сигурност во однос на обезбедувањето на енергенси.
- Идентификување на потенцијалот на услужните дејности и занаетчиството за забрзување на економскиот раст.
- Обезбедување на поддршка од страна на државата за подобро искористување на развојниот потенцијал на планските региони.
- Подобрување на транспортната поврзаност и на функционалните врски со други земји, како и внатре во земјата помеѓу градовите и населените места.
- Обезбедување поддршка од страна на државата за идентификување и освојување на нови пазари за пропулзивните индустрии и услужните гранки.
- Максимално искористување на можностите што ги нудат спогодбите за слободна трговија и регионална интеграција на земјата.
- Зголемување на продуктивноста во земјата
- Поттикнување на вложувањата во технолошки развој во производните компании и услужните гранки.
- Поттикнување на програми за едукација, усовршување на знаењата и нови вештини во приватниот сектор.
- Имплементација на програми за дуално образование фокусирани на работни вештини согласно реалните потреби на стопанството.
- Градење на општествена култура на валоризирање на трудот и постигнатите резултати.
- Модернизирање на земјоделскиот сектор во функција на зголемување на продуктивноста.
- Промовирање на концептот на одржлив работен век кај еден работодавач во функција на подигнување на продуктивноста.
- Поддршка на програми за менторство и обука во компаниите за подигнување на продуктивноста на трудот.
- Подигнување на конкурентноста на националната економија
- Структурна трансформација на стопанството во корист на секторите што произведуваат повисока додадена вредност.
- Поголемо вклучување на македонските компании во синџирите на додадена вредност и синџирите на набавки.
- Обезбедување и развој на стабилна средина за поддршка на компаниите за исполнување на барањата за квалитет, стандардизација, акредитација и метрологија во функција на повисока конкурентност.
- Редовно следење и оценка на факторите на конкурентноста, како и на политиката за конкурентност и нејзино ажурирање во функција на реализирање на повисоки резултати.
- Поддршка во идентификување и освојување на пазари соодветни на конкурентската способност на фирмите.
- Подигнување на стапката на иновации и технолошки развој во земјата
- Зголемување на издвојувањата на државата за истражување и развој.
- Поттикнување на приватниот сектор да врши поголеми вложувања во истражување и развој.
- Поддршка на разни форми на трансфер на технологија во производните и услужните сектори.
- Поддршка на академските институции и други релевантни организации за да придонесуваат кон технолошкиот напредок на компаниите.
- Редовно следење и евалуација на постојните програми за иновации и технолошки развој во функција на нивно унапредување;
- Примена на научен пристап за поттикнување на иновации за креирање на политики за намалување на штетите во сите сегменти од општественото живеење.
- Поттикнување на нови инвестиции – домашни и странски
- Креирање на пазарни механизми за зголемување на достапноста на финансии за малите и средните фирми.
- Воспоставување на ефективен и ефикасен систем за поттикнување на претприемништвото и занаетчиството.
- Поттикнување на домашни инвестиции и привлекување на СДИ во дејности кои имаат или можат да развијат конкурентски предности.
- Намалување на сивата економија
- Доследно и неселективно спроведување на даночното и другото релевантно законодавство во Република Северна Македонија.
- Подобрување на деловната клима преку воведување на систем што ќе овозможи намалување/укинување на парафискалните давачки и контрола на воведувањето на нови давачки.
- Промовирање на електронското плаќање во внатрешниот промет на стоки и услуги.
- Примена на ефективни активни мерки на пазарот на трудот за намалување на неформалната вработеност.
- Подигнување на капацитетот на релевантните институции за идентификување и постапување во случаи на сива економија.
- Обезбедување на флексибилен и динамичен пазар на труд
- Мерки за поттикнување на природниот прираст во функција на одржување/пораст на контингентот на работната сила.
- Мерки за намалување на емиграцијата на младите лица од земјата.
- Следење на спроведувањето и евалуација на резултатите од постојните активни и пасивни мерки на пазарот на трудот.
- Надминување на јазот во однос на специфичните вештини за кои постои побарувачка на пазарот на трудот преку потесна соработка помеѓу образовните институции и компаниите.
- Промовирање на отворањето на работни места кои создаваат поголема додадена вредност, кои се еколошки одговорни и обезбедуваат соодветна плата и квалитетна работна средина.
- Воспоставување на систем за поефикасно прилагодување на работните места и работната организација на демографските промени, технологијата и климатските промени.
- Воспоставување на систем за поголема пробивност на пазарот на труд на младите, ранливите категории и други групи помалку застапени граѓани.
- Поттикнување на женското претприемништво и родовата еднаквост при вработувањето.