Дигитализација

Дијагностика на состојбата. Дигитализацијата може истовремено да се поима како засебен приоритет и како средство за остварување на другите приоритети во рамката МКД 2030. Дигитализацијата како приоритет подразбира постигнување на висок степен на модернизација на земјата преку користење на информатички технологии во приватниот и јавниот сектор. Дигиталните алатки пак, се средство за модернизација на економијата и нејзино подобро вмрежување во светското стопанство, транзиција кон општество засновано на знаење во поглед на управувањето со проблемите од областа на животната средина, образованието, културата и другите социјални политики, како и креирање на иновативни индустрии кои произведуваат висока додадена вредност.   

Како концепт, дигитализацијата подразбира фокус на четири точки:

  • Вештини (број на ИТК-експерти во земјата, посебно жени и процент на дигитално писмено население).
  • Влада (дигитализација на јавните услуги, е-здравство и дигитален идентитет).
  • Бизниси (процент на компании кои користат напредни информатички технологии во работењето; брзина на раст на компании-иноватори и процент на МСП кои користат основно ниво на дигитални технологии).
  • Инфраструктура (интернет-конекција според квалитет и брзина и број на безбедни комуникациски јазли).

При оценување на постигнатиот степен на дигитализација на земјата на располагање се податоци за инфраструктурата и обезбедената достапност до интернет на домаќинствата и деловните субјекти, а нивното користење зависи од повеќе фактори на страната на потенцијалните корисници. Според податоците на Државниот завод за статистика, над 83% од домаќинствата во 2020 година имале пристап на интернет од дома, при што поголемиот дел користат широкопојасен интернет. Во однос на деловните субјекти, 91% од претпријатијата со повеќе од 10 вработени користат компјутерска технологија и широкопојасен интернет. Од вкупниот број фирми со 10 или повеќе вработени, 54.5% имале интернет-страница, а во однос на е-трговијата, 6.2% користат платформи за електронска продажба. Последните два индикатори упатуваат на многу ниска застапеност на формална електронска продажба на деловните субјекти, меѓутоа, треба да се има предвид дека постои неевидентирана продажба со непосредно користење на социјалните мрежи.

Во однос на застапеноста на претпријатијата кои вработуваат ИТ-експерти како удел од вкупниот број претпријатија кои имаат повеќе од 10 вработени во државата, овој индикатор за Република Северна Македонија за 2020 година изнесувал 12%. Иста вредност (12%) има индикаторот на претпријатијата кои даваат обуки на своите вработени во ИТ-вештини како процент од вкупниот број претпријатија во 2020 година, споредено со европскиот просек од 20%.

Посебен сегмент во однос на дигитализацијата и информатичкото општество претставува сегментот на јавни услуги, односно нивната целосна дигитализација. Поставена е основата за системот на е-услуги, меѓутоа, целосен систем на е-услуги (со дигитализација на сите аспекти на услугата) сè уште не е достапен. Во таа насока, приоритетно е обезбедување на е-услуги со цел да се олесни животот на граѓаните, а воедно да се подигне ефикасноста и ефективноста на јавните институции во испорачувањето на услугите. Исто така, дигитализацијата на јавните услуги се очекува да има големо влијание во насока на намалување на нивото на корупција во земјата.

Дигитализацијата е клучен елемент и во поглед на поврзувањето на земјата со регионот и пошироко. Во тој контекст, Република Северна Македонија е дел од иницијативата на ЕУ наречена „Дигитална агенда на Западниот Балкан“ започната во 2018 година. Идејата на дигиталната агенда е подобрување на широкопојасната поврзаност помеѓу шесте држави на Западниот Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија), подигнување на дигиталната безбедност, зајакнување на дигиталната економија и општество, како и поттикнување на истражувањето и иновациите.

Приоритетот дигитализација е значаен во контекст на неколку цели за одржлив развој – квалитетно образование (4), родова еднаквост (5), индустрија, иновации и инфраструктура (9) и мир, правда и силни институции (16). Оттаму, напредокот во оваа сфера позитивно ќе се рефлектира и на придонесот на земјата за остварување на глобалната агенда за одржлив развој.

Потребни интервенции. Со цел да се унапредат состојбите во однос на дигитализацијата во Република Северна Македонија потребни се интервенции во следните области:

1. Забрзување на дигиталната трансформација во земјата
• Унапредување на инфраструктурата и технологиите за дигитализација со следење на динамиката на промени на светско ниво (5Г).
• Обуки за подигнување на дигиталната писменост на населението и работната сила.
• Дигитализација на сите нивоа на образование, со фокус кон обезбедување на инфраструктура и промовирање на напредни дигитални вештини кај учениците, студентите и наставниот кадар.
• Воведување на различни средства за електронски идентитет.
• Примена на модели на јавно-приватни партнерства како форма на забрзување на дигиталната трансформација.

2. Промовирање на дигиталната економија
• Обезбедување лесна достапност на информации за деловните субјекти во поглед на расположливите дигитални технологии во земјата и бизнис-можностите што тие ги нудат.
• Промовирање на формалната електронска продажба во внатрешниот и меѓународниот промет на стоки и услуги.
• Реализирање на дигиталната агенда на Западниот Балкан.
• Подигнување на нивото на дигитални вештини на работната сила.

3. Развивање на македонскиот ИТ-сектор
• Поттикнување на образованието на ИТК-експерти.
• Поттикнување на развојот на ИТ-секторот како пропулзивна услужна дејност во Република Северна Македонија.
• Целно привлекување на инвестиции во ИТ-секторот во земјата.
• Стратешки пристап за задржување на ИТ-кадрите во земјата.

4. Целосна дигитализација на јавните услуги
• Комплетирање на системот е-услуги како целосен систем.
• Подигнување на капацитетот на јавните институции за испорака на комплетни е-услуги.
• Подигнување на дигиталната писменост на граѓаните и деловните субјекти за користење на е-услуги.