Повисока заштита на животната средина и реформирана енергетска политика
Дијагностика на состојбата. Животната средина спаѓа во најважните фактори кои го определуваат квалитетот на животот на граѓаните во Република Северна Македонија. Земјата има бројни предизвици на ова поле, посебно во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух, индустриското загадување, управувањето со отпадот, управувањето со водите, како и заштитата на природата, почвата и биодиверзитетот. Покрај тоа, климатските промени се глобален феномен со последици кои бараат справување и на национално ниво.
Република Северна Македонија е потписничка на поголем број меѓународни конвенции од областа на животната средина и климатските промени, кои ја обврзуваат државата да презема активности за унапредување на состојбите. Во таа насока, усвоена е детална регулатива за многу сегменти од областа на животната средина и изготвени се бројни стратегии и програми во кои се дијагностицирани проблемите и се наведени подрачја за интервенција и соодветни активности. Меѓутоа, кај повеќето од стратегиите, временскиот период за кој се однесуваат е веќе изминат, така што е потребно нивно ажурирање или изготвување на нови. Правната рамка е дефинирана, но, главен предизвик претставува имплементацијата на регулативата и планските документи. При носење на правните акти во земјата ретко се прави соодветна проценка на влијанието, што е суштинско за правилно разбирање и имплементирање на регулативата. Од друга страна, спроведувањето на политиката и на регулативата за заштита на животната средина бара високо ниво на координација помеѓу централното и локалното ниво на власт што претставува дополнителен предизвик во Република Северна Македонија.
Во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата од 2021 година, во однос на заштитата на животната средина е нотирано дека административниот капацитет на сите нивоа е слаб и се соочува со недоволно финансиски ресурси за имплементација и спроведување на постојната регулатива Во контекст на финансирањето на заштитата на животната средина, многу е важно да се истакне дека во националниот буџет се собираат средства по основ на различни еколошки давачки, меѓутоа не постои наменска програма за нивно трошење, ниту Фонд за заштита на животната средина. Погледнато од системски аспект, заштитата на животната средина не е интегрирана во политиката на управувањето со јавните финансии.
Државниот завод за статистика објавува годишни статистички податоци за животната средина. Статистичката слика, заедно со анализите на состојбите поместени во релевантни документи и прибраните информации во процесот на консултации на засегнатите страни упатуваат на проблемите кои ургентно треба да се адресираат во Република Северна Македонија. Тие се однесуваат главно на подобрување на квалитетот на воздухот, системите за управување со отпад и води, како и прашања поврзани со климатските промени и интегралната заштита на природата.
Исто така, област која е суштински поврзана со животната средина преку двонасочна врска е енергетската политика. Напорите кои се прават на меѓународен план во однос на намалување на емисиите на стакленички гасови, поголемо користење на обновливите извори на енергија, како и амплитудните движења на меѓународниот енергетски пазар ја обликуваат потребата од редефинирање на македонската политика за енергетика со цел подобро да одговори на внатрешните барања и да создаде повисока резистентност кон екстерните шокови. Енергетската криза која настапи како последица на руската инвазија врз Украина, како и движењата на цените на нафтениот пазар укажуваат на неопходноста од преземање на стратешки чекори во земјата во поглед на зголемувањето на сигурноста во однос на снабдувањето со енергенси, посебно преку домашно производство на електрична енергија.
Во неколку наврати креаторите на политики во Република Северна Македонија презедоа активности за (ре)дефинирање на стратегијата за енергетика, а воедно се презентираа политички програми кои предвидуваа изградба на хидроцентралите Стрежево, Галиште, Чебрен, гасификација на ТЕЦ Неготино, како и изградба на проектот Вардарска долина, меѓутоа, ниту еден од овие проекти не премина во фаза на реализација. Постои свест за неопходната енергетска транзиција од фосилни горива кон други извори на енергија, меѓутоа, недостасуваат конкретни решенија. Тековната енергетска криза на меѓународен план наметнува голем притисок во сите земји за менување на инертниот однос кон домашните енергетски политики, и, во тој контекст, Република Северна Македонија треба да почне да гради и применува проактивен пристап.
Приоритетот за повисока заштита на животната средина и реформирање на енергетската политика е значаен во контекст на неколку цели за одржлив развој – чиста вода за пиење и санитарни потреби (6), чиста енергија (7), одржливо производство и потрошувачка (12), справување со климатските промени (14) и заштита на почвата (15). Оттаму, напредокот во оваа сфера позитивно ќе се рефлектира и на придонесот на земјата за остварување на глобалната агенда за одржлив развој.
Потребни интервенции. Со цел да се обезбеди повисока заштита на животната средина и да се реформира енергетската политика во Република Северна Македонија потребни се интервенции во следните области:
- Обезбедување на квалитетен воздух на целата територија на земјата
- Континуирано унапредување на законската регулатива за квалитет на амбиенталниот воздух во соработка со засегнатите страни.
- Доследно и неселективно спроведување на законската регулатива за квалитет на амбиенталниот воздух и другите поврзани акти.
- Донесување на регулатива за индустриското загадување согласно законодавството на ЕУ.
- Донесување и спроведување на релевантни стратешки документи во оваа област.
- Намалување на емисијата на стакленички гасови согласно изразените намери и/или преземените обврски на меѓународно ниво.
- Зајакнување на инспекциските служби во областа на животната средина со кадар и соодветна опрема.
- Креирање на капацитет во надлежните институции за вклучување во европската шема за тргување со емисиите на стакленички гасови.
- Целосна покриеност на проблематичните зони со мониторинг системи за мерење на квалитетот на воздухот.
- Обезбедување поддршка од државата за домаќинствата за премин кон (по)еколошко и енергетски ефикасно греење и ладење.
- Премин на јавниот сектор кон т.н. незагадувачки системи на греење и ладење.
- Ажурирање на листата на т.н. „жешки“ индустриски точки со висок потенцијал за загадување, редовно следење на нивото на загадување и санкционирање на загадувачите.
- Обезбедување транспарентност на постапките за издавање еколошки дозволи и елаборати.
- Зголемување на процентот на зеленило во урбаните средини.
- Развивање на ефикасен и ефективен систем на управување со отпадот
- Континуирано унапредување на законската регулатива за управување со отпадот во соработка со засегнатите страни.
- Доследно и неселективно спроведување на законската регулатива за управување со отпадот.
- Донесување и спроведување на стратегија за управување со отпадот.
- Зајакнување на инспекциските служби во областа на животната средина со кадар и соодветна опрема.
- Воспоставување на интегриран систем за управување со комунален цврст отпад и системи за управување со посебни видови отпад, вклучувајќи го и опасниот отпад на територијата на цела земја.
- Обезбедување на собирни пунктови и друга инфраструктура за компостирање, селектирање и рециклирање на отпадот низ целата земја.
- Подигнување на свеста на граѓаните и правните лица за соодветно одлагање на отпадот и негово рециклирање.
- Поддршка на иновации и инвестиции за преработка на отпадна пластика, стакло и хартија.
- Подобрување на интегрираното управување со водите
- Континуирано унапредување на законската регулатива за управување со водите во соработка со засегнатите страни.
- Доследно и неселективно спроведување на законската регулатива за управување со водите.
- Донесување и спроведување на стратегија за води.
- Зајакнување на инспекциските служби во областа на животната средина со кадар и соодветна опрема.
- Унапредување на интегрираното управување со површински и подземни води.
- Целосна дигитализација на сите информации потребни за управување на водите, вклучително и подземните.
- Подигнување на опфатот на покриеност на населените места со функционални системи за водоснабдување и системи за собирање и третман на отпадни води (особено за агломерации со над 10 000 жители).
- Унапредување на интегрираното управување со речните сливови во Република Северна Македонија.
- Развивање и примена на ефективни инструменти за проценка на влијанието на концесиите и дозволите за водно право врз квалитетот и квантитетот на водите во земјата.
- Воспоставен ефикасен систем за мониторинг на водите.
- Развивање на механизми за намалување на ризиците и постигнување повисоки резултати од спрегата помеѓу водните површини и климатските промени.
- Подобро справување со климатските промени
- Воспоставување на соодветен систем на правна регулатива и стратешка рамка за справување со климатските промени, согласно изразените намери и/или преземените обврски на меѓународен план.
- Намалување на емисијата на стакленички гасови согласно изразените намери и/или преземените обврски на меѓународен план.
- Креирање на капацитет во надлежните институции за вклучување во европската шема за тргување со емисиите на стакленички гасови.
- Обезбедување на интердисциплинарност во стратешкото планирање на климатските промени и другите области поврзани со заштита на животната средина (воздух, вода, отпад, природа).
- Заштита на природата и биодиверзитетот
- Континуирано унапредување на законската регулатива и стратешката рамка за заштита на природата и биодиверзитетот во соработка со засегнатите страни.
- Изработка на национални црвени листи согласно меѓународните правила.
- Доследно и неселективно спроведување на законската регулатива и стратешката рамка за заштита на природата и биодиверзитетот.
- Спроведување на планот за управување со Охридскиот регион според стандардите на УНЕСКО.
- Спроведување на планот за заштита на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus).
- Воспоставување на соодветни институционални и други релевантни системи на управување со заштитените подрачја и зачувување на биодиверзитетот.
- Зајакнување на инспекциските служби во областа на животната средина со кадар и соодветна опрема;
- Воспоставување на мрежа на рефугиуми за ублажување на ефектите од климатските промени.
- Реформирана енергетска политика
- Унапредување на законската регулатива за енергетика во соработка со засегнатите страни.
- Примена на проактивен пристап во градење на стратешки решенија за енергетиката насочен кон долгорочни резултати.
- Зголемување на сигурноста во обезбедување на енергенси во земјата преку зголемување на домашното производство на електрична енергија и создавање предуслови за непрекинато снабдување со енергенси.
- Обезбедување на поддршка од страна на државата за „зелени“ инвестиции;
- Субвенционирање на фотоволтаични системи за индивидуални домаќинства и објекти за колективно домување.
- Поттикнување на користењето на обновливи извори на енергија.