Што е МКД2030?
Рамката за развој МКД 2030 ги определува приоритетните области во кои Република Северна Македонија треба да вложува на среднорочен план за државата да стане подобро место за живот, работа и социјално-општествени активности. Целта e утврдените приоритети во МКД 2030 да се вградат во развојната политика на земјата и да се почитуваат од секоја владејачка гарнитура, независно од политичките промени во владеењето со државата.
МКД 2030 е натпартиска платформа чија срцевина ја чинат граѓаните и јавниот интерес. Рамката е изготвена со широка примена на консултативниот пристап на засегнатите страни, како и опсежна консултација на релевантни стратешки документи на владините институции и аналитички извештаи од меѓународни и домашни организации. Притоа, земени се предвид и тековните случувања на меѓународен план кои се рефлектираат како екстерни шокови врз македонската економија.
Рамката за развој МКД 2030 е заснована на премисата дека политичките ентитети посветено и континуирано ќе работат на обезбедување на најважните предуслови на развојот – владеење на правото, придружено со стабилни и отчетни институции со силно изразена казнивост на коруптивните практики; макроекономска стабилност и функционална пазарна економија; политичка култура заснована на премисата јавен интерес и јавна администрација во која квалитетот, знаењето, работната способност и одговорноста се единствените критериуми за вработување и напредок. Континуираните активности на релевантните институции за обезбедување на овие предуслови се од исклучително значење за да може да се реализираат приоритетите за развој од МКД 2030.
Во рамката за развој МКД 2030 се идентификувани четири приоритети:
- Забрзан економски раст.
- Повисока заштита на животната средина и реформирана енергетска политика.
- Дигитализација.
- Образование, млади и инклузивен развој.
Приоритетите се комплексни и меѓусебно поврзани, така што е неопходно паралелно дејствување во сите сфери за да се постигне вистински напредок до 2030 година. Приоритетите треба да се разгледуваат како целина без да се врши нивно рангирање зашто сите имаат своја улога во развојот на Република Северна Македонија. Покрај овие, има уште многу други прашања кои заслужуваат внимание, меѓутоа, дијагностиката на состојбата и информациите од засегнатите страни укажуваат дека овие четири области се клучни за напредокот до 2030 година.
Забрзувањето на економскиот раст е најважно за креирање на нови работни места и подобрување на животниот стандард на населението. Тековната состојба укажува на потребата од зголемување на вкупната факторска продуктивност и продуктивноста на трудот; подигнување на конкурентноста на националната економија преку структурна трансформација на стопанството во корист на секторите што произведуваат повисока додадена вредност и поголемо вклучување на македонските компании во синџирите на додадена вредност и синџирите на набавки; поттикнување на иновациите и воведувањето на модерни технолошки решенија во производните и услужните дејности; поттикнување на нови инвестиции; намалување на сивата економија и обезбедување на флексибилен и динамичен пазар на труд.
Зголемувањето на заштитата на животната средина се наметнува како приоритет поради бројните предизвици со кои се соочува земјата на ова поле, посебно во однос на квалитетот на амбиенталниот воздух, индустриското загадување, управувањето со отпадот, управувањето со водите, како и заштитата на природата, почвата и биодиверзитетот. Дополнително, справувањето со последиците од климатските промени е глобален процес кој бара активности на национално ниво. Обезбедувањето на соодветна законска и стратешка рамка во сите наведени области, како и институционални системи за доследно спроведување на легислативата и политиките е суштинско за постигнување на видлив напредок до 2030 година. Обезбедувањето на т.н. одржлив економски раст претставува висок приоритет за глобалниот економски развој и затоа економските политики и регулативи мора да ја земат предвид заштитата на животната средина.
Област која е суштински поврзана со животната средина преку двонасочна врска е енергетската политика. Дополнително, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени ќе имаат значителен ефект и врз економскиот развој. Напорите кои се прават на меѓународен план во однос на намалување на емисиите на стакленички гасови, поголемо користење на обновливите извори на енергија, како и амплитудните движења на енергетскиот пазар ја обликуваат потребата од редефинирање на македонската политика за енергетика со цел подобро да одговори на внатрешните барања и да изгради задоволителна резистентност во однос на екстерните шокови.
Дигитализацијата е област која суштински ја определува иднината на секоја држава. Таа може да се разгледува како посебен приоритет или стратешка цел на развојот, а воедно и како средство за остварување на другите развојни приоритети. Имајќи ги предвид предизвиците на современиот дигитален развој во светот, потребно е забрзување на дигиталната трансформација во Република Северна Македонија преку унапредување на инфраструктурата и технологиите за дигитализација, како и на нивото на дигитална писменост во земјата со следење на динамиката на промени на светско ниво; промовирање на дигиталната економија; развој на ИТ-секторот како пропулзивна услужна дејност во Република Северна Македонија и обезбедување на целосна дигитализација на јавните услуги.
Образованието, младите и инклузивниот развој се идентификувани како заемно поврзани приоритети, имајќи предвид дека образованието е суштина на сите сегменти на развојот, а обезбедувањето на пристап до образование за сите граѓани е основа на инклузивниот развој. Македонското образование речиси континуирано е предмет на реформи од осамостојувањето на земјата до денес, меѓутоа, состојбите укажуваат на загрижувачки резултати во однос на функционалната писменост и знаењата по математика и природни науки на учениците. Дополнително, училиштата и факултетите не се флексибилни во поглед на прилагодување на наставните програми на потребите на реалниот сектор што резултира во (по)ниска вработливост на младите лица. Проблемите во оваа сфера се комплексни, а издвојувањата за образование и наука од буџетот на Република Северна Македонија се ниски. Тоа треба да се промени, а образованието да се осовремени и да одговара на светските трендови и потребите на пазарот на трудот.
Инклузивниот развој е многу опсежна категорија, а важна премиса за да може да се насочува општеството кон инклузивен развој е да се намали сиромаштијата, имајќи предвид дека 21.8% од македонското население во 2020 година живеело под прагот на сиромаштијата. Понатаму, политиката за намалување на социјалната исклученост треба да биде сеопфатна, односно да се фокусира на обезбедување адекватно домување за сите, како и пристап до образование, примарна здравствена заштита и социјално-културни активности за сите граѓани, а воедно да ги адресира проблемите на сите ранливи групи на граѓани и лицата со попреченост. Клучен елемент за градење социјална кохезија и инклузивен развој претставува почитувањето на човековите права и заштитата од дискриминација по која било основа.
Посебно важен дел од инклузивниот развој се младите. Младите се суштински дел од човечкиот капитал во земјата чии карактеристики го диктираат развојот. Емиграцијата на млади луѓе од земјата е подолгорочен проблем со многу штетни последици во однос на човечкиот капитал. Во таа насока, неопходно е постојано унапредување на правната рамка и стратешките документи во кои се адресираат прашања поврзани со младите; воспоставување на ефективни механизми за учество на младите во процесите на креирање политики и носење одлуки на локално и национално ниво, како и промовирање на младинското претприемништво и подигнување на вработливоста на младите преку стекнување на соодветни вештини во процесот на образование.
Како значајни сегменти во приоритетот инклузивен развој се поместени современите културни политики и медиумската писменост. Културните политики треба да одговорат на потребите за зачувување на богатото културно наследство на земјата, да обезбедат промоција нa хетерогени, динамични, социјални и културни идентитети во Република Северна Македонија, а воедно да го поттикнат поширокото културното издигнување на граѓаните. Медиумската писменост е клучна за градење на освестено општество, како од аспект на давателите на услугите (медиумите) кои треба да нудат точни, навремени и квалитетни содржини, така и од аспект на корисниците на медиумите кои треба да научат да ги препознаваат вистинските информации.
Наведените приоритети во рамката МКД 2030 се идентификувани со цел развојот примарно да се дизајнира согласно специфичните потреби на земјата. Меѓутоа, адресирана е и Агендата 2030, односно приоритетите на МКД 2030 кореспондираат и со целите за одржлив развој.
Во рамката за развој МКД 2030 се наведени приоритетите заедно со препораки за потребните интервенции по области. Деталното осмислување на мерки преку кои би се реализирале препораките по области е задача на креаторите на секторските политики, односно на владините институции. Целта е МКД 2030 да послужи како основа при стратешкото планирање на развојот со цел да се постигне кохерентност на планските документи од различни области, а воедно да се надмине проблемот на неконтинуираност на секторските политики при политичките престројувања во земјата. Во тој контекст, рамката за развој МКД 2030 е дел од поширок процес на планирање на развојот на земјата кој ја опфаќа и изработката на Националната стратегија за развој (НРС) 2022-2042. Стратегијата се изготвува во процес кој го води Владата на Република Северна Македонија и треба да биде усогласена со приоритетите дефинирани во рамката за развој МКД 2030. Реализацијата на НРС и на другите секторски стратешки документи ќе обезбеди увид во остварувањето на утврдените приоритети во МКД 2030.