Приоритети на рамката за развој МКД 2030

Приоритетите на рамката за развој МКД 2030 се идентификувани преку опсежен консултативен процес на засегнатите страни, релевантни стратешки документи на владините институции, како и аналитички извештаи од меѓународни и домашни организации.

Приоритети на рамката за развој МКД 2030:

  1. Забрзан економски раст.
  2. Повисока заштита на животната средина и реформирање на енергетската политика.
  3. Дигитализација.
  4. Образование, млади и инклузивен развој.

Наведените приоритети во рамката МКД 2030 се идентификувани со цел развојот примарно да се дизајнира согласно специфичните потреби на земјата. Меѓутоа, адресирана е и Агендата 2030, односно приоритетите на МКД 2030 кореспондираат и со целите за одржлив развој, како што е посочено погоре.

Рамката МКД 2030 обезбедува систематизиран преглед на приоритетите за развој со посочување на главните области каде се потребни интервенции. МКД 2030 воопштено ги претставува приоритетите за развој на земјата во форма на рамка, додека деталното осмислување на мерки и оперативни планови преку кои би се реализирале препораките по области е задача на креаторите на секторските политики, односно на владините институции. Во тој контекст, рамката за развој МКД 2030 треба да се разгледува како дел од поширок процес на планирање на развојот на земјата кој ја опфаќа и изработката на Националната стратегија за развој (НРС) 2022-2042, како и секторски стратешки документи. Стратегијата се изготвува во процес кој го води Владата на Република Северна Македонија и треба да биде усогласена со приоритетите дефинирани во рамката за развој МКД 2030. Реализацијата на НРС и на другите секторски стратешки документи ќе обезбеди увид во остварувањето на утврдените приоритети во МКД 2030.

Целта на ваквото поврзување на стратешкото планирање на различни инстанци е да се обезбеди кохерентност на планските документи во насока на оптимизација на резултатите согласно расположливите ресурси. Воедно, на тој начин би можел да се надмине проблемот на неконтинуираност на секторските политики што се јавува како колатерал од политичките престројувања во земјата.