Цел и предуслови за развој
Рамката за развој МКД 2030 ги определува приоритетните области во кои Република Северна Македонија треба да вложува на среднорочен план за да се обезбеди раст позабрзана траекторија и да се постигне напредок со цел државата да биде подобро место за живот, работа и социјално-општествени активности.
МКД 2030 е изготвена со цел да утврди приоритети кои ќе бидат вградени во развојните документи од потесни или пошироки (вкрстени) области преку кои, покрај другите, треба да се реализираат и конкретните цели за одржлив развој.
Рамката за развој МКД 2030 е натпартиска платформа чија срцевина ја чинат граѓаните и јавниот интерес. Постојат многу дефиниции и толкувања на поимот јавен интерес, а теоретските стојалишта се усогласени дека државата го дефинира јавниот интерес и го одредува неговиот обем, како и инструментите преку кои се спроведува и заштитува. Една од целите наведени во преамбулата на македонскиот Устав е дека државата се конституира со цел „да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот“.Во контекст на МКД 2030, ова е примарниот постулат на јавниот интерес.
Во систематската дијагностика на земјата под наслов „Постигнување на посветла иднина за сите“, изготвена од Светска банка во 2018 година, нагласено е следното: „Државата мора да го преосмисли својот пристап кон развојот кој досега испорача само скромни резултати во однос на растот на БДП, намалување на сиромаштијата и консолидирање на средната класа. Пристапот од осамостојувањето наваму го намали фискалниот простор за владата да може да испорачува квалитетни јавни стоки и услуги; ја намали довербата на граѓаните во државата, додека еколошките закани стануваат сè поакутни“.
Системската дијагностика од Светска банка е длабински и широкоопфатен документ во однос на развојот на земјата во кој заклучоците се изведени врз основа на издржани анализи. Периодот кој го опфаќа овој документ е од осамостојувањето (1991) до 2018 година, односно дава долгорочна слика за состојбите и корените на проблемите. Изработката на ваква дијагностика е прилично тежок и обемен процес што бара многу ресурси, така што овие документи не се изработуваат и ажурираат често. При нивната изработка се користат податоци и информации обезбедени од националните институции. Имајќи предвид дека нема понов документ од ваков тип во Република Северна Македонија, а оваа дијагностика дава преглед на состојбите до 2018 година, наодите дадени во неа се користени како прифатлива апроксимација за долгорочните трендови. Сепак, формирањето на целосната слика за состојбата во земјата во процесот на изготвување на МКД 2030 е направено преку широк процес на консултација на релевантни документи и засегнати страни.
Целта на МКД 2030 е утврдените приоритети да се почитуваат од секоја владејачка гарнитура, независно од политичките промени во владеењето со државата, затоа што ги претставуваат потребите на граѓаните за подобар живот. Во тој контекст, развојот во која било област е условен од веќе воспоставени предуслови кои се клучни за да може да има придвижување напред.
Предуслови за развој во Република Северна Македонија се:
- владеење на правото, стабилни и отчетни институции со силно изразена казнивост на коруптивните практики;
- макроекономска стабилност и функционална пазарна економија;
- политичка култура заснована на премисата јавен интерес;
- јавна администрација во која квалитетот, знаењето, работната способност и одговорноста се единствените критериуми за вработување и напредок.
Наведените предуслови, со исклучок на макроекономската стабилност, во многу извештаи на ЕУ и други меѓународни организации се нотирани како критични во поглед на функционирањето на државата како демократски ентитет. Оттаму, тие не се обработуваат како посебни приоритети во рамката МКД 2030, туку се посочува на исклучителната важност на континуираното и посветено работење на релевантните институции во насока на подобрување на состојбите и реализирање на соодветните стратешки документи и веќе утврдените реформски чекори во овие области.
Владеењето на правото е област во која напредокот оди многу бавно, а посебни критики добива судскиот систем кој скоро две децении континуирано беше во процес на срозување. Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата од 2021 година укажува на определен напредок во оваа сфера, меѓутоа, потребни се многу напори и силна посветеност на реформите, како и политичко единство за овој процес да успее. Во април 2021, Собранието ја усвои Националната стратегија за превенција на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 (со акциски план), а во нејзината имплементација е планирано да бидат вклучени многу институции. Оваа стратегија предвидува активности за подигнување на свеста за начините на борба против корупцијата и ги посочува расположливите инструменти, а нејзината имплементација е повеќе од насушно потребна.
Постојат многу анализи и дадени се препораки од релевантни институции за подобрување на состојбите во однос на владеењето на правото, а, направени се и определени реформски зафати. Меѓутоа, клучот е во имплементацијата на законите, постапување на институциите согласно нивниот мандат и апсолутно подеднаков третман на сите прекршители на законите. Една од последиците од долгорочно лошата состојба во оваа област е емиграцијата на многу македонски граѓани што негативно се одразува на човечкиот капитал кој спаѓа во клучните фактори за развој.
Согласно извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата, единствено предусловот поврзан со макроекономската стабилност и функционална пазарна економија е релативно исполнет во изминатите 15-тина години. Сепак, пандемијата на ковид-19, екстерните ценовни шокови на глобалните пазари, посебно на прехранбените производи, како и кризата во енергетскиот домен во 2020/2021 година направија притисок врз макроекономските варијабли и повлекоа продлабочување на буџетскиот дефицит, раст на јавниот долг и пораст на стапката на инфлација во Република Северна Македонија. Наведените екстерни фактори, заедно со последиците од руските воени дејства во Украина започнати во февруари 2022 година и понатаму ќе го обликуваат надворешното макроекономско опкружување за Република Северна Македонија, односно условите во кои ќе треба да се одржува макроекономската стабилност. Во тој контекст, надлежните институции ќе мора целосно да се посветат на добро управување со ризиците од екстерните шокови за да обезбедат одржување на макроекономската стабилност.
Во однос на постоењето на функционална пазарна економија, воспоставена е бизнис-регулатива која е релативно поволна за инвеститорите, како и регулаторни тела кои треба да се грижат да постои лојална конкуренција на пазарот како целина и во поодделни сектори. Има многу аспекти поврзани со функционалната пазарна економија на кои дополнително треба да се работи, меѓутоа, најважно за креаторите на развојната политика е да биде воспоставено владеење на правото кое може да ги отстрани девијациите од пазарот кога истите ќе се појават.
Политичката култура заснована на премисата јавен интерес е предуслов кој подразбира политичките партии да работат во име на доброто на граѓаните, да бидат транспарентни и отчетни, да не вршат никаква дискриминација (позитивна или негативна) по однос на членство во политичка партија и строго да се осудува и казнува секое дејствување за и во лична корист на членови на политички партии. Од друга страна, ова подразбира и граѓаните да бидат активен чинител во постизборните периоди во општеството преку притисок за одговорност на владејачките и воопшто, политичките структури. Во контекст на Рамката за развој МКД 2030 битно е да се напомене дека доколку политичките партии се усогласат за прашања од јавен интерес и конструктивно работат и придонесуваат за имплементација на клучните стратешки документи и политики, независно дали се на власт или во опозиција, ќе им дадат сигнал на граѓаните дека државата функционира.
Овој предуслов ја опфаќа и позицијата на земјата во однос на процесот на пристапување кон Европската Унија, односно политичките партии треба да покажат единство при решавањето на клучните прашања за земјата. Притоа, застојот во македонскиот процес на интеграција кон ЕУ се рефлектира и на планирањето на иднината на земјата, посебно во однос на стратешките документи кои содржат подетален опфат на мерки, инструменти и механизми преку кои би се реализирале стратешките цели. Имајќи предвид дека рамката МКД 2030 ги утврдува приоритетите на развојот на поопшто ниво, тие се подеднакво важни за земјата независно како ќе се обликуваат односите со ЕУ. Меѓутоа, стратешкото планирање на пооперативно ниво преку Националната стратегија за развој 2022-2042, како и секторските стратешки документи е многу повеќе детерминирано од процесот на интегрирање на Република Северна Македонија кон ЕУ, посебно во контекст на евентуалните обврски кон ЕУ и расположливата помош од страна на Унијата која зависи од статусот на земјата.
Јавната администрација во која квалитетот, знаењето, работната способност и одговорноста се единствените критериуми за вработување и напредок е суштински предуслов за креирање и спроведување на добри јавни политики. Владејачките политички структури се често критикувани дека јавната администрација ја користат како полигон за реализација на своите внатрепартиски ветувања за вработувања. Веќе беа спроведени неколку реформски зафати на јавната администрација што резултираа со детално формално уредување на критериумите за вработување и кариерен развој, меѓутоа, неопходно е доследно спроведување на законите во функција на вработување на најдобрите кадри и напредување според професионални заслуги. Во спротивно, не може да се очекува засилен развој во земјата.
Овие четири предуслови се основа на рамката за развој МКД 2030 зашто самите по себе претставуваат врвен приоритет. Доколку не се работи континуирано на напредок во овие области, се намалува можноста за креирање и имплементација на успешни реформи во други области. Во сржта на овие предуслови е политичкиот дискурс на земјата, односно тие претставуваат израз на политичкото умеење и дејствување кое треба да биде пример на добри практики за земјата да може да се придвижи напред.